Утре вонредни парламентарни избори во Косово: Над два милиони граѓани гласаат меѓу 24 политички опции

6

Вонредните парламентарни избори во Косово ќе се одржат утре, на кои повеќе од два милиони граѓани ќе имаат можност да избираат меѓу 24 политички субјекти. Изборниот процес веќе започна денеска со гласањето во дипломатските мисии на Косово во странство.

Во изборната трка за формирање нова влада учествува коалицијата предводена од движењето Самоопределување и поранешниот премиер Аљбин Курти, како и Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово, Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива, кои на изборите настапуваат самостојно.

Од политичките партии на српската заедница, за учество на изборите се пријавени Српска листа, Косовска алијанса и партијата „За слобода, правда и останка“.

Гласачките места на територијата на Косово утре ќе се отворат во 7 часот наутро. Во меѓувреме, гласањето денеска започна и во дипломатските мисии на Косово во 18 земји, каде што право на глас имаат вкупно 19.187 регистрирани гласачи од дијаспората.

Последните парламентарни избори во Косово се одржаа на 9 февруари, а вонредните избори беа распишани откако ниту еден кандидат за состав на нова влада не успеа да обезбеди доволна поддршка во Собранието. На политичката блокада ѝ претходеа и несогласувања околу изборот на претседател на Парламентот.

Македонски