Вартоломеј ја пофали Бугарија за изборот на Свети Јован Рилски на евромонетите

2

Вселенскиот патријарх Вартоломеј јавно го пофали изборот на Бугарија на евромонетите да биде прикажан ликот на Свети Јован Рилски, оценувајќи дека станува збор за силна порака за нераскинливата врска меѓу бугарскиот народ и православната вера.

Оваа порака Вартоломеј ја упати денеска во својот говор по заедничката литургија со бугарскиот патријарх Даниил, кому му се обрати со титулата „Неговото Блаженство, софиски митрополит и патријарх на цела Бугарија“.

„Знаеме, Ваше Блаженство, дека од 1 јануари следната година Бугарија станува дел од еврозоната. Радосно изненадување за сите нас е фактот што евромонетите на вашата земја ќе го носат релјефниот лик на Свети Јован Рилски. Тоа на свечен начин сведочи за длабоката поврзаност на бугарскиот народ со светата православна вера“, истакна Вартоломеј.

Тој нагласи дека ваквиот избор испраќа порака дека економијата не може да се води исклучиво од „алгоритми и студени пресметки“, туку мора да се темели на божествената Икономија – љубовта и почитта кон човекот. Според него, економскиот развој што ги занемарува духовните вредности неминовно води кон распаѓање на општеството и не може да се смета за вистински напредок.

Вселенскиот патријарх додаде дека преку овој симболичен избор Бугарија испраќа порака и до европското семејство за христијанското разбирање на парите – не како средство за користољубие, туку како израз на љубовта кон човекот. Како пример, тој потсети и на византиските монети, кои често го носеле ликот на Исус Христос.

Македонски