Повластената стапка од 5% ДДВ за новоизградени станови продолжена до крајот на 2028 година
И по 1 јануари 2026 година ќе продолжи да важи повластената стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) од 5% за новоизградените станови, откако Собранието денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за ДДВ.
Со усвоените законски измени се продолжува рокот на примена на повластената стапка од 5% за првиот промет на станбени згради и станови, во делот во кој тие се користат за станбени цели и доколку прометот се изврши во рок од пет години од нивната изградба. Новиот рок за примена на мерката ќе важи од 1 јануари 2026 година до 31 декември 2028 година.
Според досегашните законски решенија, повластената стапка на ДДВ од 5% за новоизградени станови беше предвидена да се применува заклучно со 31 декември 2025 година.