Советот на Град Скопје едногласно за отпочнување постапка за дислокација на „Усје“ и големите загадувачи
На иницијатива на советничката група на „Зелен хуман град“ (ЗХГ), Советот на Град Скопје на вчерашната седница едногласно усвои заклучок за започнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и другите големи индустриски загадувачи надвор од Скопската Котлина.
Заклучокот беше изгласан со 41 глас „за“, со што градоначалникот на Скопје е задолжен официјално да се обрати до Владата за разгледување на можностите и начинот за отпочнување на постапката за дислокација.
Советниците усвоија и дополнителен заклучок со кој Град Скопје треба да се обрати до Министерството за животна средина и просторно планирање, со барање за детално испитување на работењето на „Усје“ и останатите големи индустриски капацитети. Министерството е повикано да утврди дали тие целосно ги исполнуваат обврските и критериумите утврдени со важечките дозволи за работа и релевантната еколошка регулатива, како и во најкус рок да го информира Советот за резултатите од контролите.
Дополнително, од Државниот инспекторат за животна средина е побарано да спроведе серија ненајавени инспекциски надзори во индустриските капацитети, со цел утврдување на фактичката состојба, степенот на почитување на еколошките стандарди и примената на мерки за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Меѓу усвоените заклучоци е и повикот до Општина Кисела Вода, како и до останатите скопски општини и Градот Скопје, при изработката и усвојувањето на деталните урбанистички планови да ги земат предвид наодите и параметрите што ќе произлезат од анализите на Министерството за животна средина и Државниот инспекторат. Оваа обврска, според Советот, треба да биде составен дел од идните урбанистички и плански постапки.
По усвојувањето на заклучоците, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски им честиташе на советниците и најави дека заклучоците веднаш ќе бидат доставени до сите надлежни институции.
Седницата на Советот на Град Скопје траеше повеќе од 10 часа и се одржа паралелно со протест на граѓани, кои пред зградата на Советот јавно изразија незадоволство од работата на цементарницата „Усје“ и побараа нејзина дислокација.