Управниот одбор на ПИОМ усвои повеќе одлуки: Зголемена посмртна помош и нови ревизорски планови

3

Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) ја одржа својата 28-ма седница, на која беа донесени повеќе одлуки од надлежност на Фондот.

Седницата ја водеше заменик-претседателот на Управниот одбор, Игор Китаноски, кој на почетокот му даде збор на директорот на Фондот, Никола Мемов, за отчет за активностите реализирани меѓу двете седници.

Директорот Мемов информираше дека редовното функционирање на Фондот се одвива без застои и проблеми, нагласувајќи дека ноемвриската пензија е навремено исплатена на 1 декември. Тој ги запозна членовите и со работната средба со Фондот на ПИО на Црна Гора, одржана во периодот од 16 до 18 декември, на која било разговарано за досегашната примена на Договорот за електронска размена на податоци и Техничкиот протокол за негова имплементација, потпишани во февруари годинава. Разговорите биле насочени и кон унапредување на идната соработка меѓу двете институции.

Членката на Управниот одбор, Станка Трајкова, информираше дека Регистрираната организација за Солидарен фонд донела одлука за зголемување на задршката за посмртна помош од пензиите – од 140 на 150 денари, како и зголемување на износот на посмртнината од 35.000 на 40.000 денари.

На седницата беа усвоени и Стратегијата за внатрешна ревизија за периодот 2026–2028 година, како и Планот за внатрешна ревизија за 2026 година на Единицата за внатрешна ревизија во Фондот.

Дополнително, Управниот одбор донесе одлука за доделување деловен простор на користење на Здружението на пензионери Дојран, како и одлука за распишување јавен конкурс за именување заменик-директор на Фондот и формирање конкурсна комисија.

Членовите на Одборот разгледаа и повеќе информации, меѓу кои извештај за резултатите од активностите поврзани со регистрација на податоците, како и информација за поднесените и остварените права на старосна пензија во периодот од 1 јануари до 10 декември 2025 година.

Македонски