Советот на Град Скопје го усвои буџетот за 2026 година

8

Советот на Град Скопје едногласно го усвои буџетот за 2026 година, без ниту еден глас „против“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски оцени дека усвоениот документ е доказ за „ред, визија и резултати“, најавувајќи засилен инвестициски циклус во нарниот период.

Основниот буџет изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04 проценти во однос на буџетот за 2025 година. Според Ѓорѓиевски, растот е резултат на подобрената наплата на приходите во последниот месец и половина, а до крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари.

Дополнително, како што информираше градоначалникот, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата за студентски превоз, со што ќе се покријат заостанати обврски.

Капиталните инвестиции се планирани во износ од 1,787 милијарди денари, што претставува 34,4 проценти од вкупниот буџет и значително зголемување во споредба со претходната година. Овие средства, според најавите, ќе бидат насочени кон инфраструктурни проекти и зафати на терен, со директен ефект врз секојдневието на граѓаните.

Македонски