Власта и опозицијата со честитки по повод католичкиот Божиќ
Претставници на власта и опозицијата упатија честитки до верниците по повод католичкиот Божиќ, празникот Христово раѓање, кој се одбележува по Грегоријанскиот календар.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во свое и во име на партијата упати честитка до сите христијански верници кои го празнуваат Божиќ, како и до скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Република Северна Македонија, д-р Киро Стојанов.
„Божиќ е празник на надежта, љубовта и заедништвото. Овој голем празник нè потсетува дека само со солидарност, меѓусебна почит и грижа едни за други можеме да изградиме поправедно и похумано општество, во кое секој граѓанин ќе има еднакви можности и сигурна иднина“, порача Филипче.
Тој повика на свртување кон вистинските вредности кои обединуваат и давање пример со добри дела, посакувајќи здравје, мир и радост во секој дом. „Нека Божиќ донесе нова надеж, нови почетоци и успеси за сите нас. Христос се роди, Честит Божиќ“, наведува Филипче во честитката.
Премиерот Христијан Мицкоски, во својата божиќна порака, истакна дека празничните мигови треба да бидат потсетник за обединување и заедничка одговорност во градењето подобра држава.
„Нашата традиција нè учи дека заедно сме посилни и дека само обединети можеме да ги надминеме сите предизвици. Наша должност е да се бориме за подобар живот и подобра Македонија за сегашните и идните генерации, градејќи стабилна, економски силна и праведна држава“, порача Мицкоски, посакувајќи им на верниците благосостојба, духовен мир и добро здравје.
Честитка по повод Божиќ упати и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој им посака на католичките верници празничните денови да ги поминат во добро здравје, семејна топлина, спокој и надеж.
„Божиќните празници носат пораки на мир, солидарност и меѓусебно почитување – вредности кои се темел на секое демократско и мултиетничко општество. Преку заемно разбирање и почитување на различностите, ја градиме стабилноста и иднината на нашата држава“, порача Гаши.