Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со апел: „Ако пиеш – не вози“
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја реализира традиционалната новогодишна кампања за подигнување на јавната свест за ризиците од управување моторни возила под дејство на алкохол, во пресрет на новогодишните и божиќните празници.
Како што информираат од Советот, празничниот период е карактеристичен по зголемена раздвиженост на населението, засилен сообраќај, бројни прослави и семејни собирања, што значително го зголемува ризикот од сообраќајни незгоди со тешки и трагични последици.
Алкохолот, нагласуваат од Советот, сериозно ги нарушува психофизичките способности на возачите, ја намалува концентрацијата, го продолжува времето на реакција и ја компромитира способноста за правилна проценка и носење одлуки во сообраќајот.
„Управувањето возило под дејство на алкохол не е само прекршување на сообраќајните правила, туку сериозна закана по безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Последиците од ваквото неодговорно однесување често се трајни и ненадоместливи – за поединците, семејствата и за општеството во целина“, се наведува во соопштението.
Во таа насока, Републичкиот совет упатува апел до граѓаните:
-
да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол;
-
навремено да планираат безбедна алтернатива за превоз, како јавен превоз или такси;
-
доследно да ги почитуваат сообраќајните правила, особено ограничувањата на брзината, сообраќајната сигнализација и користењето заштитна опрема;
-
да покажат зголемена внимателност кон пешаците и другите ранливи учесници во сообраќајот.
„Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност. Со одговорно однесување и почитување на законите, секој може да придонесе празниците да поминат во радост, а не со трагични последици“, порачуваат од Советот.
Пораката, како што велат, е едноставна и јасна: „Ако пиеш – не вози. Ако возиш – не пиј.“ Секој живот е важен.