Силјановска-Давкова единствен претставник од државниот врв на божиќната миса во Католичката црква во Скопје
Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, беше единствениот претставник на државниот врв кој присуствуваше на божиќната миса во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.
Традиционално, католичките верници во Македонија Божиќ го одбележуваат во катедралната црква во главниот град, а на свечената миса вообичаено присуствуваат претставници од највисокиот државен и политички врв.
По повод празникот, Силјановска-Давкова упати честитка преку својот Фејсбук профил, во која истакна дека празничните денови се потсетник за меѓусебна почит, солидарност и грижа за послабите.
„Празничните денови нè потсетуваат дека треба да се почитуваме меѓусебно, да се грижиме еден за друг и да им помагаме на послабите од нас, никому да не му чиниме зло“, напиша претседателката.
Таа додаде дека со божиќната миса започнува прославата на Христовото раѓање за верниците кои го празнуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар и им посака мир, семејна спокојност и благосостојба.
„Од срце посакувам големиот христијански празник да ви донесе внатрешен мир, спокој во семејството и благосостојба, вам и на вашите ближни. Честит Божиќ“, напиша Силјановска-Давкова.