Калас: Одлуката на САД за ограничување на патувањето на европски граѓани е неприфатлива

13

Одлуката на Соединетите Американски Држави да воведат ограничувања за патување и визи за европски граѓани и функционери е неприфатлива и претставува предизвик за суверенитетот на Европската Унија, изјави денес високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Реагирајќи на одлуката на САД да одбијат визи за поранешниот европски комесар за дигитални услуги Тиери Бретон, како и за неколку активисти и претставници на организации кои се борат против дезинформации, Калас преку објава на социјалната мрежа X истакна дека Унијата ќе продолжи да ги брани своите вредности.

„Европа ќе продолжи да ги брани своите вредности – слободата на изразување, фер дигиталните правила и правото самостојно да управува со својот дигитален простор“, напиша Калас.

Претходно денес, Стејт департментот соопшти дека САД одлучиле да одбијат визи за пет лица поради, како што наведуваат, обиди да се изврши притисок врз американските социјални медиуми да ограничат одредени ставови.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во изјава наведе дека, според Вашингтон, „радикални активисти и влијателни невладини организации поттикнале цензурни мерки во странство насочени кон американски говорници и компании“.

Меѓу лицата на кои им е одбиена виза е и поранешниот европски комесар Тиери Бретон, како и Клер Мелфорд, директорка на британскиот Глобален индекс на дезинформации (GDI). Забрана за влез добил и Имран Ахмед, основач на Центарот за борба против дигиталната омраза (CCDH), како и Ана-Лена фон Ходенберг и Жозефин Балон од германската организација „HateAid“.

Одлуката на САД претходно беше осудена и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон, како и од британската влада.

Македонски