Македонија ја одби понудената помош од Бугарија за енергетската кризна состојба
Македонија нема потреба од дополнителна поддршка од Бугарија во справувањето со кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија, која Владата ја прогласи вчера, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Министерството информираат дека утрово бил остварен телефонски разговор меѓу шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, и неговиот бугарски колега, Георг Георгиев, при што Муцунски изразил благодарност за понудената помош, но нагласил дека во моментов состојбата во земјава е стабилна и не е потребна дополнителна поддршка.
„Министерот Муцунски ја изрази благодарноста за понудената помош и истакна дека во овој момент нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна“, наведуваат од Министерството.
Во текот на разговорот, Муцунски истакнал и дека Македонија е подготвена да и помогне на Бугарија доколку таа се соочи со потреба од ваква или слична поддршка.
Понудата за помош од Софија уследи еден ден откако македонската Влада донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, во времетраење од седум дена.