АХВ во акција, без почитување на потребните услови нема новогодишен базар
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонреден инспекциски надзор во девет новогодишни куќарки во градската чаршија во Струга, при што издаде решенија за времена забрана за работа поради сериозни пропусти во исполнувањето на основните хигиенски услови.
На угостителите им се изречени парични казни од по 200 евра во денарска противвредност, а дополнително се издадени и налози за нивна регистрација во АХВ како оператори со храна.
Од Агенцијата информираат дека контролата е спроведена на 22 декември, при што било утврдено дека во куќарките работеле физички лица во нехигиенски услови. Меѓу утврдените неправилности се наведуваат:
-
неповрзаност со градската водоводна мрежа,
-
неспроведена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација,
-
непоседување задолжителни здравствено-санитарни прегледи кај лицата што ракуваат со храна,
-
непочитување на правилата за Добра производствена и Добра хигиенска пракса.
„Решенијата за времена забрана за вршење дејност ќе останат во сила сè додека не се исполнат сите законски пропишани услови за безбедно работење“, соопштија од АХВ.