ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во жестока преписка: Кој е виновен за поскапувањето на струјата?

9

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ цело утро разменуваат соопштенија и меѓусебни обвинувања околу прашањето кој ја сноси одговорноста за зголемувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата, при што и двете партии ја префрлаат вината една на друга за, како што велат, ценовниот удар врз граѓаните.

Од СДСМ реагираа со ироничен тон, обвинувајќи ја владејачката партија дека секогаш бара надворешни виновници.

„Ги слушаме претставниците на ВМРО како зборуваат за уставни измени и за Бугарите. Дали сега и тие се виновни за поскапувањето на струјата? Или повторно се виновни поранешни функционери на СДСМ, па дури и оние кои со години не се активни во политиката? Кај ВМРО секогаш некој друг е виновен за нивниот криминал и корупција“, соопштија од СДСМ.

Од партијата додаваат дека најновите обвинувања се насочени и кон недостигот на мазут и состојбите во буџетот, оценувајќи дека ваквиот наратив служи за прикривање на реалните проблеми.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека СДСМ нема никаков кредибилитет да зборува за енергетската политика, потсетувајќи на периодот кога оваа партија беше на власт.

„Граѓаните добро паметат колкави сметки за струја плаќаа за време на владеењето на СДСМ. Поради неспособно управување со електроенергетските капацитети и криминални тендери, за седум години власт цената на струјата беше зголемена за околу 50 проценти“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се споменуваат и, како што тврдат, кривични пријави против повеќе поранешни функционери на СДСМ, меѓу кои и поранешни раководители во енергетскиот сектор, како и сомнежи за поврзаност со спорни набавки на енергенси.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека актуелната Влада, за разлика од претходната, работи на консолидација и развој на енергетскиот сектор, посочувајќи низа инвестиции во обновливи извори на енергија.

„Потпишан е договор од 97 милиони евра за фотонапонската електрана ‘Битола 3’ и за ревитализација на хидроелектраните, се реализира ветерниот парк во Богданци, како и инвестицијата на ‘Алказар енерџи’ во Штип и околината вредна околу 500 милиони долари“, наведуваат од партијата.

Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Владата ги субвенционира сметките за струја со цел да го заштити животниот стандард на граѓаните и дека зголемувањето на цената на електричната енергија во земјава е меѓу најниските во Европа.

Според нив, опозицијата неоправдано ширела страв и дезинформации за значително повисоко поскапување.

Македонски