Сиљановска-Давкова: Барањата за правда по трагедијата во Кочани се легитимни, решението е во судството и законите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова своето годишно обраќање го започна со осврт на трагедијата во Кочани, оценувајќи дека немилиот настан со тешки последици ја довел државата во состојба на колективна тага и траума.
Таа истакна дека барањата на родителите за правда се целосно легитимни и дека судството има клучна улога во нејзиното остварување.
„Ја разбирам болката на семејствата на настраданите, го разбирам нивниот оправдан гнев и бес. Нивните барања за вистина, за одговорност и за правда се апсолутно легитимни. Единствениот легален начин на кој државата може да ги задоволи тие барања е преку почитување на Уставот и законите“, изјави Сиљановска-Давкова.
Најголем дел од обраќањето, претседателката го посвети на евроинтегративниот процес и, како што рече, блокираниот европски пат на државата. Таа нагласи дека земјава има континуирани резултати во реформите, но дека проблемот не се Копенхагенските критериуми, туку уставните измени.
„На вагата на Европската унија, чинам дека нашите уставни измени имаат поголема тежина од суштинските реформи. Без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија, и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена ризикуваме од овој процес да излеземе како старецот на Хемингвеј – со костур од риба, со соголен и изглодан суверенитет, идентитет, национален и културен“, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека доколку Европската унија нашла решение за Украина, мора да најде и за Македонија.
Претседателката се осврна и на информациите за можно прифаќање мигранти, нагласувајќи дека доколку тие претставуваат проблем за Велика Британија, за нашата држава би биле уште поголем предизвик, поради што, како што рече, е неопходна голема претпазливост.
Таа го пофали и проектот „Сејф Сити“, оценувајќи го како исклучително важен за унапредување на сообраќајната безбедност.
Во обраќањето повторно го отвори и прашањето за иселувањето на младите, како и потребата од поефикасни политики кон македонските иселеници.