Сметките за струја од 1 јануари повисоки од 57 до 900 денари, зависно од потрошувачката
Сметките за електрична енергија од 1 јануари наредната година ќе се зголемат од 57 денари за домаќинствата што трошат само во првиот блок, до околу 900 денари за најголемите потрошувачи кои влегуваат и во четвртиот, најскап блок. Ова денеска на прес-конференција го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, нагласувајќи дека одлуката е конечна и ќе се применува од Нова година.
Одлуката е донесена и покрај барањето на ЕВН Хоум за значително повисоко зголемување на цените на електричната енергија.
Колку ќе растат сметките?
-
57 денари или 2,28% зголемување за домаќинствата што трошат до 210 kWh во скапа и 277 kWh во евтина тарифа
→ Оваа категорија опфаќа 63,8% од домаќинствата, односно 517.400 потрошувачи. -
70 денари или 2,59% зголемување за оние што трошат во првиот и вториот блок
→ Околу 169.000 домаќинства. -
370 денари или 2,79% зголемување за домаќинствата што трошат во првиот, вториот и третиот блок
→ Околу 14.000 домаќинства, односно 1,73% од потрошувачите. -
До 900 денари или 3,22% зголемување за домаќинствата што трошат и во четвртиот блок
→ Околу 4.400 домаќинства, или 0,55% од вкупниот број потрошувачи.
Што бараше ЕВН, а што одобри РКЕ?
Бислимоски информираше дека ЕВН Хоум побарал:
-
+7,66% за првиот блок (одобрени 2,45%)
-
+8,54% за вториот блок (одобрени 2,87%)
-
+9,63% за третиот блок (одобрени 3,32%)
-
+11,86% за четвртиот блок (одобрени 3,84%)
За евтината тарифа, ЕВН предложил зголемување од 3,96%, но РКЕ одобри 2,50%.
РКЕ: Нема ценовен шок за граѓаните
„Регулаторната комисија оцени дека иако тарифниот систем е применет, во предлогот на ЕВН не беше почитуван клучниот принцип – урамнотежување на интересите на компаниите и потрошувачите. Нашата цел е да обезбедиме сигурно снабдување, но и да ги заштитиме граѓаните од ценовен шок“, изјави Бислимоски.
Тој додаде дека конечните цени се резултат и на намалувањето на мрежарината за 4,96%, одлука што РКЕ ја донесе претходно.
Во однос на месечниот фиксен надоместок од 200 денари, Бислимоски повтори дека тој останува, бидејќи негово укинување би довело до значително повисоки цени по блокови.