Граничните премини Евзони и Ники ќе работат непречено до петок
Сообраќајот на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) кон Северна Македонија, за влез и излез од Грција, во наредните денови ќе се одвива непречено, најмалку до петок. Причина е одлуката на грчките земјоделци привремено да ги стават во мирување блокадите поради божиќните празници, јавува грчката новинска агенција АНА-МПА.
Иако блокадите се паузираат, тракторите ќе останат паркирани во близина на граничните премини, а земјоделците планираат празниците да ги поминат таму, без да го попречуваат сообраќајот.
На граничниот премин Евзони, земјоделскиот блок со над 300 трактори беше поставен на 1 декември, при што сообраќајот секојдневно се блокираше по неколку часа. Денеска, според АНА-МПА, тракторите и земјоделските возила што беа поставени на коловозот ќе бидат тргнати и паркирани од двете страни на патот, со што ќе се ослободат сите сообраќајни ленти и ќе се овозможи нормално движење на товарни возила, автобуси и патнички автомобили.
Слична одлука е донесена и на преминот Ники, каде што земјоделците решија до петок да не го блокираат сообраќајот.
Од друга страна, блокадите продолжуваат на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, но само за товарни возила, барем во текот на денешниот ден.
Според информациите од Грција, земјоделците имаат намера во пресрет на Божиќ да ги отворат автопатите за граѓаните да можат непречено да патуваат, но без целосно повлекување на тракторите. Планот е тие да останат паркирани на крајот на автопатите, што, според грчката полиција, претставува безбедносен ризик за сообраќајот.