Нема предвремено распуштање поради загадувањето – учениците на настава до крајот на месецот

11

Учениците ќе продолжат да следат настава до крајот на месецов, по што ќе заминат на редовен зимски распуст. Нема да има предвремено завршување на првото полугодие поради загадениот воздух.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека остануваат уште неколку наставни денови до распустот и дека во моментов не постојат информации дека здравјето на учениците е загрозено.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Министерството размислува за порано распуштање поради аерозагадувањето, Јаневска истакна дека е дозволено учениците, доколку имаат здравствени проблеми, да отсуствуваат ден или два од настава, но нагласи дека не треба повторно да се практикува скратување на учебните денови.

„Во овој момент немаме информации дека здравјето на учениците е загрозено. Доколку од здравствени причини отсуствуваат ден-два, тоа не е проблем. Но, треба да се напушти негативната пракса од минатото, кога од различни причини се скратуваше наставата“, рече Јаневска.

Министерката направи споредба со европските земји, истакнувајќи дека таму децата одат на училиште и кога имаат полесни здравствени проблеми, сè додека нивната состојба не е сериозно загрозена.

„Нашите деца не се преоптоварени, како што често се коментира. Доколку здравјето им е во прашање, секако дека лекарите и родителите ќе одлучат. Но, проблем беше тоа што во минатото се скратуваше наставата поради поевтини одмори, подготовки за писмени и слично. Овие негативни појави мора постепено да се отстрануваат“, додаде Јаневска.

Таа нагласи дека здравјето на учениците секогаш ќе биде приоритет, но во моментов нема основ за вонредни мерки или промена на наставниот календар.

Изјавата министерката ја даде при денешната посета на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Македонски