Свети Николај Мирликиски, еден од најпочитуваните христијански светители, и денес се слави ширум светот како симбол на милосрдието, правдата и непоколебливата вера.
Свети Николај бил единствен син на богатите и угледни родители Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Како дете дарувано по Божја волја, уште од најрана возраст бил посветен на Бога. Основите на духовниот живот ги стекнал под водство на својот чичко, епископот Николај Патарски, по чија иницијатива се замонашил во манастирот „Новиот Сион“.
По смртта на родителите, целиот наследен имот го разделил на сиромасите, без да задржи ништо за себе. Додека служел како свештеник во Патара, се прославил по својата милостиња, која секогаш ја вршел тивко и незабележливо, следејќи ја Христовата заповед: „Да не знае левата рака што прави десната“.
Во еден период се повлекол во самотија, посветувајќи се на молитва и безмолвие, но, според преданието, добил Божји повик повторно да се врати меѓу народот. Наскоро, по Божја промисла, бил избран за епископ на градот Мир во Ликија, каде се истакнал како мудар, милостив и неустрашлив духовен пастир.
За време на гонењата на христијаните под римските императори Диоклецијан и Максимијан, Свети Николај бил затворен, но и таму продолжил да ги охрабрува и поучува верниците. Учествувал и на Првиот вселенски собор во Никеја, каде со голема ревност ја бранел православната вера. Поради неговиот жесток настап против еретикот Ариј, привремено бил отстранет од архиерејската служба, но, според црковното предание, по божествено откровение повторно бил вратен на своето место.
Познат како заштитник на правдата, Свети Николај на двапати спасил невини луѓе од неправедна смртна казна. Неговата правдољубивост, милосрдие и духовна сила му донеле голема почит уште за време на животот. Верниците го повикувале на помош во маки и неволји, а, според сведоштвата, тој им се јавувал и во сон и на јаве, без оглед на оддалеченоста.
Преданието вели дека од неговото лице зрачела посебна светлина, носејќи им утеха, мир и надеж на сите што го сретнувале. Во длабока старост, по кратко боледување, Свети Николај се упокоил во Господа на 6 декември 343 година, оставајќи зад себе духовно наследство што и денес живее преку неговото почитување и бројните сведоштва за чуда и помош меѓу верниците.