Двајца возачи од Кавадарци и Битола беа приведени и задржани во полициска станица откако полицијата ги затекна како управуваат возила под силно дејство на алкохол

13

Во Кавадарци, синоќа околу 20 часот, на крстосницата меѓу улиците „Народен фронт“ и „Коле Подлешки“, 35-годишниот А.М. од Кавадарци, управувајќи патничко возило „форд“ со велешки регистарски ознаки, удрил во паркирано возило „сузуки“, сопственост на 55-годишен жител на градот.

При увидот и интервенцијата, полициските службеници утврдиле дека возачот бил во екстремно алкохолизирана состојба. Со алкотест кај него биле измерени 3,21 промили алкохол во крвта, по што тој бил веднаш лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Неколку часа претходно, во Битола, полицијата привела уште еден возач под дејство на алкохол. На улицата „Славко Лумбарко“, при рутинска сообраќајна контрола, бил запрен 43-годишниот Г.Н., кој управувал патничко возило „мерцедес“ со битолски регистарски таблички.

Алкотестирањето покажало присуство на 1,59 промили алкохол во крвта, поради што возачот бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.

Од полицијата најавуваат соодветни пријави и апелираат до возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол, нагласувајќи дека ваквото однесување сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот.

Македонски