Лидерите на земјите членки на Европската Унија постигнаа договор за финансиска поддршка на Украина
Како што беше договорено, Украина ќе добие финансиска помош во износ од 90 милијарди евра, обезбедени преку кредит финансиран со задолжување на ЕУ на меѓународните пазари на капитал, со гаранција од долгорочниот буџет на Унијата.
„Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026–2027 година е одобрена. Се обврзавме и го исполнивме ветеното“, соопшти претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во објава на социјалната мрежа Икс нешто пред 3 часот по полноќ.
Според договорот, Украина ќе започне со отплата на заемот дури откако Русија ќе исплати репарации за штетите предизвикани од инвазијата. Истовремено, ЕУ го задржува правото да ги користи замрзнатите руски средства како инструмент за финансирање на заемот, а Европската комисија доби мандат да продолжи со работа на модел за заем врз основа на тие средства.
Со цел да се избегне евентуална блокада од Словачка, Унгарија и Чешка, кои се против дополнително задолжување на Унијата, договорот предвидува дека користењето на буџетот на ЕУ како гаранција нема да влијае врз финансиските обврски на овие земји.
Дел од бриселските медиуми оценија дека договорот претставува политички пораз за претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кои беа најгласни поддржувачи на планот за т.н. заем за репарации, што целосно би се финансирал од замрзнатите руски средства.
На прес-конференцијата по Самитот, Кошта истакна дека целта на договорот не е продолжување на војната, туку создавање услови за праведен и траен мир.
„Единствениот начин Русија да се доведе на преговарачката маса е зајакнување на Украина. Со оваа одлука ѝ ги обезбедуваме потребните средства за одбрана и поддршка на украинскиот народ“, изјави Кошта на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен и данската премиерка Мете Фредериксен, чија земја во моментов претседава со Советот на ЕУ.
Кошта порача дека договорот испраќа „јасна и недвосмислена порака“ до Москва дека не ги постигнала своите цели, дека Европа стои зад Украина колку што е потребно и дека Русија мора сериозно да пристапи кон мировни преговори.
Фон дер Лајен, коментирајќи го неуспехот на нејзиниот оригинален план за заем за репарации, изјави дека најголемата добивка е трајното замрзнување на руските средства, кои може да бидат деблокирани само со одлука донесена со квалификувано мнозинство.
„Тоа беше клучната цел и таа е постигната“, нагласи Фон дер Лајен.
Данската премиерка Фредериксен оцени дека договорот претставува комбинација од предложените модели на Комисијата – задолжување и користење на замрзнатите руски средства.
„Нашата поддршка за Украина е стабилна и загарантирана. Украина е нашата прва линија на одбрана, а истовремено мораме да ја зајакнеме безбедноста на сите европски граѓани“, изјави таа.
И покрај договорот, и овој Самит заврши без целосен консензус за усвојување на заклучоците за Украина, кои, според Европскиот совет, биле поддржани од 25 земји членки. Конечниот компромис беше постигнат по интензивни и затворени разговори меѓу лидерите, откако претходно пропадна предлогот за значително поголем заем од 210 милијарди евра финансиран исклучиво од замрзнатите руски средства.
Извори блиски до преговорите наведуваат дека клучна пречка биле барањата на Белгија за „неограничени финансиски гаранции“, што дел од земјите ги оценија како претерани и неодржливи, имајќи предвид дека најголемиот дел од замрзнатите руски средства – околу 185 милијарди евра – се наоѓаат токму во Белгија.
Во меѓувреме, за време на долгите ноќни преговори, Данска како претседавач со ЕУ им обезбедила на лидерите скромна закуска – сендвичи со риба, свинско филе и пудинг од ориз – со цел да ја одржат концентрацијата до постигнувањето на договорот.