Изгласани клучните закони за „Безбеден град“: строги санкции, одземање возила и одземање возачки дозволи
Собранието ги изгласа законите неопходни за целосно функционирање на системот „Безбеден град (Safe City)“, со што се заокружува законската рамка за автоматизирано санкционирање на сообраќајните прекршоци. Усвоени се измените во Законот за возила, Законот за полиција, Законот за извршување на санкции и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во собраниска процедура, во второ читање, остануваат уште измените во Законот за прекршоци, а паралелно се предложени и измени во Кривичниот законик, со цел целосно усогласување со пакетот „Safe City“.
Системот треба целосно да профункционира од 1 февруари.
СМС и е-пошта за прекршок, половина казна ако се плати навреме
Како што е веќе познато, сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат СМС порака и е-пошта со записник и фотографија од прекршокот.
Граѓаните ќе имаат право на жалба пред суд, а доколку казната се плати во рок од осум дена, ќе се плаќа 50% од износот.
Три забрани – трајно одземање возачка дозвола
Со измените се доуредува системот на негативни поени и забрани, кој досега не беше целосно прецизиран.
Од 1 февруари, возач кој три пати во рок од четири години ќе добие правосилна забрана за управување со возило од иста категорија:
-
ќе остане без возачка дозвола,
-
нема да смее повторно да полага возачки испит најмалку една година.
Судот ќе ја одземе дозволата, а одлуката ќе биде доставена до МВР. Возачот ќе биде известен преку СМС или е-пошта, а дозволата ќе престане да важи по истекот на осум дена.
Забраната за управување возило ќе може да трае од еден месец до една година, а изречените мерки ќе бидат достапни и за граничните служби.
За странски државјани со странска возачка дозвола, забраната ќе важи само на територијата на државата, за што ќе биде известена и граничната полиција.
100 евра глоба за неажуриран телефон и е-пошта
Со измените во Законот за возила, секој сопственик на возило ќе мора:
-
во рок од три дена да пријави промена на телефонски број или е-пошта во станица за технички преглед.
Непочитувањето ќе се казнува со глоба од 100 евра, а санкции се предвидени и за правните лица, во зависност од нивната големина.
Нови правила за брзина, дроги и автошколи
Измените во Законот за безбедност на сообраќајот предвидуваат:
-
толеранција при мерењето на брзината, со задолжително одземање на маргината на грешка на уредот,
-
целосна забрана за управување под дејство на дроги и психотропни супстанции,
-
нови обврски за автошколите – кандидатите за инструктори, предавачи и испитувачи ќе мора да полагаат стручен испит пред комисија на МВР.
Дополнително се воведуваат и нови сообраќајни зони: „зона училиште“ и „зона 30“.
Судот ќе може да го одземе и возилото
Предложените измени во Кривичниот законик, кои допрва ќе се разгледуваат, носат најстроги санкции за тешки сообраќајни дела.
За тешки дела во сообраќајот, судот задолжително ќе изрекува:
-
забрана за управување возило од 6 месеци до 10 години.
Дополнително, судот ќе може да го одземе возилото ако сторителот:
-
возел над дозволената брзина за 70 км/ч во населено место или 90 км/ч надвор од населено место,
-
а претходно веќе бил осуден за кривично дело против безбедноста на сообраќајот.
Затвор и високи казни за најтешките прекршоци
Со измените се предвидува затворска казна од 3 месеци до 3 години, како и парична казна, за возачи кои:
-
управуваат со над 1,5 промили алкохол во крвта,
-
возат под дејство на дроги,
-
возат во спротивна насока,
-
претекнуваат колона на непрегледно место,
-
возат со екстремно надминување на брзината.
Иста казна е предвидена и за:
-
организирање или учество во нелегални трки,
-
управување возило без положен испит или без важечка возачка дозвола.