Поднесен Предлог-Закон за корективни измени на Кривичниот законик: построги казни за корупција и злосторничко здружување

13

До Собранието е поднесен Предлог-закон за корективни измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кој се предвидува затегнување на казнената политика и отстранување на недостатоците во постојните законски решенија.

Основната цел на предложените измени е усогласување со Решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година, со кое беше утврдено дека измените од 2023 година довеле до значително девалвирање на санкциите за кривичните дела „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Иницијативата е поддржана од девет пратеници, меѓу кои Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска и други народни избраници.

Со Предлог-законот се предвидува:

  • зголемување на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување,

  • воведување ново кривично дело – „Злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина“, со цел посилна заштита на жртвите од дигитално насилство.

Дополнително, се предлага и:

  • проширување на можностите за конфискација на имот стекнат со кривично дело,

  • усогласување со Истанбулската конвенција, преку нова дефиниција на кривичното дело „Телесна повреда“,

  • воведување нови облици на кривичното дело „Трговија со дете“, насочени кон поефикасно справување со детското питачење.

Предлогот опфаќа и методолошки измени поврзани со куќниот затвор и условната осуда со надзор, како и хармонизација на кривичните дела од областа на безбедноста во сообраќајот, во рамки на проектот „Safe City“.

Иницијаторите оценуваат дека со овие измени ќе се зајакне борбата против високата корупција, ќе се подобри кривичноправната заштита на граѓаните и ќе се обезбеди усогласување со европските и меѓународните стандарди.

Македонски