Филипче од Брисел бара европска поддршка за одбрана на демократијата во Македонија
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска престојува во Брисел, каде што, според објавените фотографии, учествува на состанок на групата на социјалистичките и социјалдемократските партии. Од белгискиот главен град, Филипче порача дека средбите ги користи за обезбедување меѓународна поддршка за, како што вели, одбрана на демократијата во Македонија, по усвојувањето на, според него, првата резолуција во историјата на државата насочена против опозицијата.
Во Брисел од завчера престојува и премиерот Христијан Мицкоски.
Во својата јавна објава, Филипче остро ја критикуваше власта, оценувајќи дека резолуцијата усвоена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието претставува сериозен удар врз демократските стандарди.
„Кога парламент носи неуставна резолуција против опозицијата, државата престанува да биде демократска и влегува во авторитарен режим. Тоа е директен напад врз слободата на говор, мислењето и политичкото дејствување“, порача Филипче.
Тој обвини дека власта има намера да ја замолчи и ограничи работата на опозицијата со цел создавање еднопартиски систем, но нагласи дека СДСМ нема да дозволи згаснување на демократските слободи.
„Овде, во Брисел, ќе побарам поддршка од цела Европа – од прогресивните и демократските сили, од нашите сестрински социјалистички и социјалдемократски партии. Македонија мора да остане слободна, демократска и европска држава“, истакна Филипче.
Тој повика и на формирање единствен граѓански фронт, кој ќе ги обедини сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка или идеолошка припадност, во одбрана на демократијата, слободата на говор и основните човекови права.
„Време е за фронт за правда, слобода и демократија. Да ја одбраниме Македонија и демократските вредности“, порача лидерот на СДСМ.