Фон дер Лајен: Албанија и Црна Гора се пример за напредок во европската интеграција
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Албанија и Црна Гора оствариле импресивен напредок во процесот на пристапување кон Европската Унија, оценувајќи дека нивните резултати треба да послужат како инспирација за останатите партнери од Западен Балкан.
По завршувањето на самитот ЕУ–Западен Балкан во Брисел, фон дер Лајен во писмена изјава нагласи дека проширувањето на Европската Унија, за првпат по повеќе од една деценија, станува реална можност.
„Сакам да го пофалам огромниот напредок на Албанија и Црна Гора. Она што го постигнаа е навистина импресивно и претставува силен извор на инспирација за другите партнери од регионот. Тоа испраќа јасна порака до светот за привлечноста на европската понуда“, истакна фон дер Лајен.
Таа додаде дека европската перспектива носи солидарност, можности и стабилност, нагласувајќи дека Европската комисија активно работи на постепена интеграција со цел оваа понуда да се претвори во конкретна реалност за земјите-кандидатки.