Кошта: Проширувањето е вистинскиот избор – иднината на Западен Балкан е во ЕУ

18

Самитот ЕУ–Западен Балкан, според претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, испрати јасна порака дека европските држави цврсто ја поддржуваат иднината на регионот во Европската Унија.

По завршувањето на самитот во Брисел, Кошта изјави дека проширувањето е вистинскиот избор, бидејќи проширена Европска Унија значи побезбедна, посилна и помирна Европа.

„Проширувањето го зајакнува просперитетот и ја потврдува ЕУ како привлечен и кредибилен проект“, рече Кошта.

Тој оцени дека во изминатите 12 месеци е постигнат напредок кај одредени земји од регионот и ги поздрави чекорите на Северна Македонија за зајакнување на регионалната поврзаност.

„Се надеваме на вистински напредок во 2026 година. Властите знаат што треба да направат“, изјави Кошта.

Кошта нагласи дека државите од Западен Балкан мора да направат јасен политички избор – дали ќе останат заробени во минатото или ќе се движат кон заедничка европска иднина.

„Изборот е меѓу поделба или помирување и соработка – вредности кои се темелите на Европската Унија. Само со надминување на минатото, Западниот Балкан може целосно да ја преземе својата улога како идни членки на ЕУ“, рече тој.

Според Кошта, патот напред нема да биде лесен, а дел од реформите ќе бидат тешки, но неопходни и вредни.

Македонски