Советот на јавни обвинители денеска избира в.д. државен јавен обвинител
Советот на јавни обвинители денеска на седница треба да определи вршител на должноста државен јавен обвинител, откако досегашниот републички обвинител Љупчо Коцевски во вторникот поднесе неотповиклива оставка, а Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.
Седницата на Советот на јавни обвинители е закажана за 11 часот.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, вчера за ТВ21 потврди дека писмото за оставката е доставено и дека постапката е започната.
„Почнати се процедурите, ни пристигна писмото и следува седница за избор на в.д. државен јавен обвинител“, изјави Бесими.
Законска процедура
Вршителот на должноста се назначува согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство, и се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Мандатот на в.д. јавен обвинител трае до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.
Во Јавното обвинителство на РСМ моментално јавни обвинители се:
-
Анита Тополова Исајловска
-
Исмаил Дарлишта
-
Соња Симовска
-
Ферат Елези
-
Џелал Бајрами
-
Елвин Вели
-
Лиле Стефанова
-
Наум Паноски
-
Валентина Стојановска
-
Златко Биковски
Оставката на Коцевски и понатамошната постапка
Љупчо Коцевски ја објави својата оставка на прес-конференција во средата, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување.
Советот на јавни обвинители, согласно законот, е должен да достави образложено позитивно или негативно мислење за кандидатите до Владата во рок од 15 дена.
Доколку од оправдани причини мислењето не биде доставено, рокот може да се продолжи за уште 15 дена. Ако и по истекот на продолжениот рок не биде доставено мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата нема да може да утврди предлог за именување и ќе му предложи на Собранието да распише нов оглас за избор на државен јавен обвинител.