Неофицијално: Претреси во акција за организиран криминал – осомничен поранешен функционер на ДУИ

9

Бујар Дардишта, поранешен висок функционер на ДУИ и поранешен директор во неколку државни институции, е опфатен со полициска акција, дознава Прес24 од свои извори.

Акцијата, според неофицијални информации, започнала во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември 2025 година, а ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ – МВР, во координација и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Претреси во Скопје и Куманово

Станува збор за предмет поврзан со организирана криминална група, осомничена за кривични дела од областа на корупцијата и економскиот криминал.

По претходно обезбедени судски наредби, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово, при што, според неофицијални сознанија:

  • пронајдени и одземени се парични средства во различни валути,

  • мобилни телефони, лаптопи, хард-дискови,

  • како и финансиска и друга релевантна документација.

Во моментот, според истите извори, во тек се претреси и во два правни субјекти на подрачјето на Скопје и Куманово.

Засега, нема официјална потврда ниту од Министерството за внатрешни работи, ниту од Обвинителството.

Претходни функции и јавни контроверзии

Бујар Дардишта во минатото беше директор на Управата за водење на матични книги, а подоцна и управител на едно од трите новоформирани претпријатија на ЕСМ за производство на топлинска енергија, кои беа формирани по преземањето на греењето од БЕГ.

Неговото име стана познато во јавноста откако Државниот завод за ревизија утврди дека во 2019 година, за време на неговиот мандат како директор на Управата, биле издадени 21.957 погрешни изводи, што претставува околу 4 отсто од вкупниот број издадени документи.

Ревизијата, исто така, констатирала кусок од 94.451 образец на изводи во матичните книги во Скопје, Тетово, Ресен, Гостивар и Прилеп, за кои, според наодите, не биле наплатени административни такси.

Последен пат неговото име се споменуваше во јавноста за време на собирот на УЧК во центарот на Скопје, каде што тој беше дел од организациониот одбор.

Очекувањата се дека во текот на денот надлежните институции ќе излезат со официјално соопштение за акцијата и за евентуалните кривични пријави.

Македонски