Обвинение за насилство и закани кон новинари во студиото на „Инфомакс“

7

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за прибирање докази и до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривичните дела „Насилство“ од член 386 став 3 во врска со став 1 и „Спречување на службено лице во вршење службено дејствие“ од член 382 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинението, обвинетиот на 10 декември извршил грубо насилство врз двајца новинари од онлајн медиумот „Инфомакс“, како и врз гостин во нивната емисија, со што директно ги спречил во вршење на нивната професионална дејност.

Закани за време на емисија во живо

Додека емисијата „Тешки муабети“ се емитувала во живо на YouTube и на социјалните мрежи, обвинетиот преку коментари упатувал навреди и закани кон еден од новинарите, поради критиките изнесени во емисијата кон премиерот.

Набргу потоа, обвинетиот се упатил кон адресата каде што се наоѓа студиото, насилно ја обил влезната порта, ги искршил вратата од објектот и вратата од студиото, по што емисијата била прекината.

Физички закани и обиди за напад

Еден од оштетените се обидел да го спречи обвинетиот да влезе во студиото, но тој продолжил да вика, да упатува закани по живот, да пцуе и навредува, како и да се обидува физички да ги нападне присутните, замавнувајќи со рацете и фрлајќи чаша кон нив.

По повикот до полицијата, оштетените успеале привремено да го смират обвинетиот и да го извадат надвор од објектот.

Делото сторено во состојба на пресметливост

Со своите насилнички дејствија, обвинетиот предизвикал чувство на страв и несигурност кај оштетените и кај другите присутни лица. Медицинското вештачење покажало дека, и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, делото го извршил во состојба на пресметливост.

Поради тоа, јавниот обвинител доставил и предлог за продолжување на мерката притвор, со цел обезбедување на обвинетиот во текот на кривичната постапка.

Од Основното јавно обвинителство Скопје нагласуваат дека приоритетно постапуваат во сите случаи поврзани со напади врз новинари и загрозување на слободата на говор.

Македонски