Унгарија го блокира ставот на ЕУ за проширувањето поради противењето на пристапувањето на Украина

10

Унгарија го блокира усвојувањето на годишниот документ со кој Европската Унија го утврдува својот став за процесот на проширување, поради противењето на Будимпешта кон отворањето пристапни преговори со Украина, изјави данската министерка за европски прашања, Мари Бјере.

Според неа, владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан одбива да поддржи позитивна оценка за напредокот на Украина на патот кон членство во ЕУ. Таа нагласи дека спорниот дел од документот не може да биде отстранет, бидејќи е поддржан од сите останати земји-членки.

Данска во моментов претседава со Советот на Европската Унија.

„Имаме 26 земји-членки кои јасно и силно ја поддржуваат Украина, а таа реално ги исполнува преземените обврски“, изјави Бјере на маргините на состаноците во Брисел, додавајќи дека формулацијата во документот е „праведна и фер“.

Германскиот претставник Гунтер Крихбаум, како што пренесе агенцијата ДПА, го оцени однесувањето на Унгарија како „сè подеструктивно“, обвинувајќи ја дека го кочи функционирањето и напредокот на Европската Унија.

Поради унгарското вето, Украина во моментов не може да очекува почеток на формалните рунди на пристапни преговори со ЕУ. Сепак, Бјере истакна дека процесот не е целосно блокиран, бидејќи работата продолжува на неформално ниво.

„Украина и натаму добива конкретни насоки за реформите што треба да ги спроведе и за условите што очекуваат земјите-членки да бидат исполнети. Процесот е жив и активен“, нагласи данската министерка.

Таа оцени дека Украина би можела релативно брзо да напредува доколку Унгарија во одреден момент го повлече ветото.

Унгарската влада своето противење го оправдува со високите финансиски потреби на Украина, како и со тврдењата дека унгарското малцинство во земјата е ставено во неповолна положба.

Покрај Украина, документот за проширување на ЕУ треба да ги опфати и оценките за напредокот на шесте земји од Западен Балкан, како и Турција, Република Молдавија и Грузија.

Според најновите анализи на Европската комисија, Црна Гора во моментов е најнапредната земја во пристапниот процес и би можела да ги заврши преговорите за членство до крајот на 2026 година, доколку го задржи сегашното темпо на реформи.

Македонски