Трамп нареди блокада на санкционирани танкери што превезуваат венецуелска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди блокада на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела, во најновиот потег на Вашингтон за зголемување на притисокот врз владата на претседателот Николас Мадуро и нејзиниот клучен извор на приходи – извозот на нафта.
Засега не е јасно на кој начин администрацијата на Трамп ќе ја спроведе мерката и дали во нејзиното спроведување ќе биде вклучена американската крајбрежна стража, како што беше случај со неодамнешната заплена на санкциониран танкер покрај брегот на Венецуела. Во изминатите денови, САД распоредија илјадници војници и речиси десетина воени бродови во регионот, меѓу кои и носач на авиони.
„Поради кражба на американски средства и низа други причини, вклучително тероризам, шверц со дрога и трговија со луѓе, венецуелскиот режим е означен како странска терористичка организација“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social. „Затоа, денес наредувам целосна блокада на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела“, додаде тој.
Владата во Каракас во соопштение ја отфрли одлуката на Трамп, оценувајќи ја како, како што наведоа, „грозна и незаконска закана“.
Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 1 процент во азиската трговија во средата, откако инвеститорите реагираа на можноста за намалување на венецуелскиот извоз. Пазарните учесници, сепак, истакнуваат дека неизвесноста останува висока сè додека не стане јасно како ќе се спроведе блокадата и дали таа ќе се однесува исклучиво на санкционирани, или и на други бродови.
Според експертите, потегот на Трамп отвора сериозни правни прашања. Професорката по меѓународно право Елена Чачко од Правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија – Беркли, изјави дека иако американските претседатели имаат широка дискреција во распоредувањето на воени сили, блокадите традиционално се сметаат за инструмент на војна.
„Постојат сериозни дилеми и во однос на домашното право и во однос на меѓународното право“, истакна Чачко.
Американскиот конгресмен Хоакин Кастро, демократ од Тексас, на социјалната мрежа X ја оцени блокадата како „чин на војна“.
„Војна која Конгресот никогаш не ја одобри и која американскиот народ не ја посакува“, напиша Кастро.
По неодамнешната заплена на санкциониран танкер од страна на САД, ефективно веќе е воведено неформално ембарго. Неколку танкери натоварени со милиони барели венецуелска нафта останаа во територијалните води на Венецуела, избегнувајќи да испловат поради ризик од заплена.