СДСМ избра ново раководство: Тренчевска и Трајановски нови потпретседатели
Централниот одбор на СДСМ на вечерашната седница го избра новото раководство на партијата, при што беше донесена одлука за намалување на бројот на потпретседатели од досегашните четири на двајца.
За нови потпретседатели се избрани пратеничката и поранешна министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска и лекарот Александар Трајановски, поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром. И двајцата кандидати беа предложени од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На функцијата генерален секретар останува Александар Димитриевиќ, додека Љупчо Фармаковски повторно е избран за организациски секретар на партијата.
Во партиското раководство се враќа и поранешната потпретседателка Ана Чупевска, која ќе раководи со новоформираниот совет на СДСМ.
Поранешниот член на Антимонополската комисија Александар Давчевски е избран за претседател на Градската организација на СДСМ. Во Извршниот одбор остануваат Андреј Жерновски, Агрон Демири и Симона Цветановски, а како нов член е вклучен и поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумовски.
Претседателот Филипче предложи и Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска, Петар Огњеновиќ, Андреј Бислимовски и Филип Андов за членови на Извршниот одбор.
Функцијата заменик-претседателка и понатаму ќе ја извршува Фани Каранфиловска-Пановска, која беше избрана на партиски конгрес, а евентуална промена на нејзиниот статус може да се констатира исклучиво на истото тело.