Предновогодишен концерт на Воениот оркестар: Македонско-романска музичка хармонија во Филхармонијата
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, синоќа во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, кој годинава доби меѓународна димензија со учество на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.
По свечениот пречек на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на романската и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, го отвори концертот со свечена фанфара, по што следеше позната романска љубовна тема.
Првиот дел од концертот беше заокружен со сплет на светски познати хитови аранжирани за дувачки оркестар, како и со композицијата „Концертна прослава“, инспирирана од мотиви од романското музичко поднебје.
Во вториот блок, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, беа изведени композиции од македонската музичка традиција – фолклорни теми, народни песни и препознатливи македонски забавни евергрини.
Завршниот дел од концертот беше посветен на припадниците на Армијата, кои секогаш се подготвени да ја бранат татковината и да им помогнат на граѓаните. Покрај светски познати новогодишни композиции, беше изведена и македонската композиција „Нашата Армија“, силен музички омаж на посветеноста, честа и службата кон државата.
Настанот го следеа претседателката Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор, активни и пензионирани генерали, припадници на Министерството за одбрана и Армијата, како и бројни гости.
Традиционалниот предновогодишен концерт уште еднаш ја потврди сплотеноста со сојузниците и силата на музиката како универзален јазик што ги поврзува луѓето, културите и заедничките вредности, градејќи мостови на пријателство и соработка.