Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка од функцијата републички јавен обвинител

10

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски утринава поднесе неотповиклива оставка од функцијата, непосредно пред одржувањето на собраниската седница на која на дневен ред беше барањето на Владата за негово разрешување.

Одлуката Коцевски ја соопшти на прес-конференција во Јавното обвинителство, информирајќи дека оставката веќе е доставена и во писмена форма до надлежните институции.

Оставката доаѓа откако стана јасно дека владиното мнозинство е цврсто решено да го разреши, и покрај тоа што Советот за јавни обвинители претходно, порано годинава, даде негативно мислење за владината иницијатива.

Коцевски претходно доби интерпелација во Собранието, но продолжи да ја извршува функцијата бидејќи таа немаше правно дејство.

Постапката за негово разрешување беше привремено запрена по трагедијата во Кочани, кога Владата оцени дека не е соодветен момент за таков чекор. По започнувањето на судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, Владата повторно се наврати на постапката и на седницата од 9 декември донесе одлука за нејзино продолжување.

Во образложението, Владата наведе повеќе причини поради кои бараше разрешување на Коцевски, поврзани со начинот на раководење со Јавното обвинителство и нарушувањето на неговата функционалност и углед.

Македонски