Општина Центар постави 30 уреди за мониторинг на бучавата во јавниот простор

15

Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор, со поставување на 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.

Уредите се инсталирани на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, булеварите „Климент Охридски“ и „Ленинова“, како и на улиците „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат важна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. На тој начин се овозможува побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.

Од Општина Центар појаснуваат дека податоците добиени од уредите служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, но врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.

Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните казни се движат:

  • од 6.000 до 7.000 евра за микро правни субјекти,

  • од 13.000 до 14.000 евра за мали,

  • и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.

Уредите ќе се користат со посебен фокус на бучавата од угостителските објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Општина Центар.

Македонски