Собранието денеска расправа за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски
Собранието денеска треба да ја одржи 76. пленарна седница, на чиј дневен ред како втора точка е Предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Седницата е закажана за 11 часот.
Иницијативата за разрешување доаѓа од Владата, која постапката ја започна пред подолг период, но таа беше прекината поради законските ограничувања поврзани со изборниот процес, како и поради трагедијата во Кочани.
Одлуката за продолжување на постапката беше донесена на владина седница на 9 декември, по што предлогот беше доставен до Собранието.
Владата: Крупни професионални пропусти и нарушен углед
Портпаролката на Владата, Марија Митева, тогаш изјави дека предлогот за разрешување се темели на повеќе сериозни основи.
„Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од Советот на јавни обвинители, Владата му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што довеле до нарушување на неговата ефикасност и функционалност“, изјави Митева.
Како дополнителни причини таа ги наведе:
-
неовластено изнесување информации за судски предмети, со што, како што рече, била повредена обврската за тајност на постапката;
-
нарушување на угледот на Јавното обвинителство и на функцијата јавен обвинител;
-
непостапување согласно уставните и законските обврски, како и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
„Како последица на овие повреди, евидентна е нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно нарушениот интегритет на институцијата. Согласно Законот, јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, организацијата и извршувањето на функциите на обвинителството“, додаде Митева.
Мицкоски: Потребен е нов обвинител со резултати
Премиерот Христијан Мицкоски, во неодамнешно гостување во централниот дневник на „Сител“, истакна дека идниот државен јавен обвинител мора да биде професионалец кој ќе се бори за правдата.
„Одлуката за разрешување на државниот јавен обвинител не е само политичка, иако е логично да има политичка димензија. Ние ја водиме Владата и му дадовме шанса од година и половина – како ниедна влада досега – на наследен јавен обвинител. Ги видовме резултатите и не сме задоволни“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата влегува во процес на избор на нов јавен обвинител од кого се очекуваат значително подобри резултати, охрабрувајќи ги сите што се чувствуваат компетентни да се пријават на идниот јавен повик.