Финансиска полиција поднесе кривична пријава за штета од над 7,5 милиони денари во ЈКП „Брегалница“ – Делчево

14

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Делчево против С.С., директор на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ – ПО Делчево, и против М.К., раководител на сектор во истото претпријатие, поради основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според пријавата, делото е сторено во периодот од 2019 до 2023 година, кога директорот С.С., со пропуштање на должниот надзор, не иницирал и не дал налог за поднесување тужби за наплата на парични побарувања од физички и правни лица по основ на користени комунални услуги, потрошена вода, подигнат смет и закуп на простории. Поради ваквото постапување, побарувањата застареле, со што претпријатието било оневозможено да ги наплати.

Второосомничениот М.К., како раководител на Секторот за општи, правни и финансиски работи, а подоцна и на Секторот за општи и правни работи, не воспоставил соодветен систем на интерна контрола и не доставувал навремени предлози до директорот за поведување постапки за присилна наплата на ненаплатените побарувања, иако бил законски обврзан да го стори тоа.

Со ваквите дејствија, како што информира Финансиската полиција, е причинета штета на Буџетот на ЈКП „Брегалница“ – ПО Делчево во вкупен износ од 7.588.894 денари.

Случајот е предаден на надлежното обвинителство за понатамошна постапка.

Македонски