Над 130 дронови соборени над Украина и Русија во текот на ноќта

11

Украинските и руските власти утрово соопштија дека во текот на изминатата ноќ биле соборени повеќе од 130 беспилотни летала над териториите на двете земји, пренесе францускиот весник „Ле Монд“.

Според соопштението на украинските воздухопловни сили, Русија извршила масовен напад со вкупно 153 ударни дронови од типовите „Шахед“ и „Гербера“, лансирани од неколку руски региони, меѓу кои Курск, Орјол, Приморско-Ахтар, Милеровск, Шаталовск, Шудина и Гвардија. Украинската противвоздушна одбрана, како што наведуваат, успеала да неутрализира 133 од нив.

Од руската страна, Министерството за одбрана соопшти дека системите за воздушна одбрана собориле 130 украински дронови во текот на ноќта, при што 15 од нив биле насочени кон Москва. Градоначалникот на руската престолнина, Сергеј Собјанин, информира дека дополнителни четири дронови биле пресретнати и уништени утрово на приодите кон градот.

Поради безбедносни причини, аеродромите Домодедово и Жуковски во Москва, како и неколку аеродроми во јужните делови на Русија, привремено го прекинале авионскиот сообраќај, соопшти Руската управа за цивилно воздухопловство.

Гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, изјави дека во еден од нападите со беспилотно летало бил оштетен високонапонски далновод, но засега нема информации за човечки жртви.

Интензивните напади со дронови се случуваат во период кога паралелно се водат дипломатски напори и разговори за можен прекин на конфликтот меѓу двете земји.

Македонски