Австралија најави построги закони за оружје по масакрот на плажата Бонди
Австралиската влада најави заострување на законите за поседување и користење оружје по вчерашниот масовен напад на плажата Бонди во Сиднеј, во кој загинаа 15 лица за време на одбележување на еврејскиот празник Ханука.
Според официјалните информации, нападот го извеле татко и син – 50-годишниот Саџид Акрам, кој бил застрелан од полицијата на самото место, и неговиот 25-годишен син Навид, кој е хоспитализиран во критична состојба.
Министерот за внатрешни работи на Австралија, Тони Берк, соопшти дека Саџид Акрам пристигнал во земјата во 1998 година со студентска виза, без да ја прецизира државата на потекло, додека неговиот син е роден во Австралија. Акрам поседувал дозвола за оружје од 2015 година и имал регистрирано шест парчиња огнено оружје.
Жртвите се на возраст меѓу 10 и 87 години, а вкупно 27 лица се згрижени во болница, од кои најмалку шест се во критична состојба. Во моментот на нападот, на плажата имало околу 1.000 посетители.
„Интензивно ја истражуваме позадината на напаѓачите. Во оваа фаза располагаме со ограничени информации“, изјави комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Ленион.
Австралискиот национален радиодифузер „Еј-Би-Си њуз“ објави дека во возилото на напаѓачите биле пронајдени две знамиња на Исламска држава, иако засега нема официјална потврда за поврзаност со терористичка организација.
Очевидци сведочат дека нападот траел околу десет минути. На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како еден од присутните се спротивставува на напаѓач и го разоружува. Станува збор за Ахмед ал Ахмед, сопственик на продавница од Сиднеј, кој бил двапати ранет. По хируршката интервенција тој е во стабилна состојба. Јавноста го слави како херој, а пофалби за неговата храброст упати и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Властите уверуваат дека нема други лица инволвирани во нападот. Пукањето на плажата Бонди се оценува како најтешкиот антисемитски напад во Австралија од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, по серијата напади врз синагоги, објекти и возила.
Австралискиот премиер Ентони Албаниз порача дека државата цврсто стои зад еврејската заедница.
„Стоиме зад еврејските Австралијци и се спротивставуваме на омразата и насилството. Австралија е посилна од оние кои се обидуваат да нè поделат и ова ќе го надминеме заедно“, изјави Албаниз.
Масовните пукања се исклучително ретки во Австралија. Ова е најсмртоносниот ваков напад од 1996 година, кога во Порт Артур, Тасманија, беа убиени 35 лица.