Започна демонтажата на стариот радар на Аеродромот Скопје, авиосообраќајот без прекин

2

Денеска официјално започна процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар на Меѓународниот Аеродром Скопје, како и подготовките за инсталација на нов, современ Мод S радар, информираат од М-НАВ. Од таму нагласуваат дека активностите нема да имаат никакво влијание врз редовното одвивање на авиосообраќајот.

Процесот следи по одржаниот почетен „Kick-off“ состанок со тимот на компанијата „Леонардо“ и домашните компании ангажирани како подизведувачи, кој се одржал на 1 декември 2025 година.

Од М-НАВ посочуваат дека оваа фаза претставува значаен чекор во рамки на проектот за модернизација на системите за надзор и управување со воздушниот сообраќај во земјава.

„Реализацијата на активностите се одвива со висок степен на координација и професионална посветеност, при што особено се истакнува стручноста, ангажманот и експертизата на техничкиот и оперативниот персонал, кој има клучна улога во спроведувањето на ваков комплексен проект“, наведуваат од М-НАВ.

По завршувањето на демонтажата, ќе следуваат дополнителни градежни активности за поставување на новата конструкција, како и инсталација на новиот Мод S радар, со што значително ќе се подобрат безбедноста и ефикасноста во управувањето со воздушниот сообраќај.

Според предвидената динамика, целосното ставање во оперативна употреба на новиот радар се очекува во јуни 2026 година.

Македонски