Македонско Собрание: Имунитет на пратеник може да се одземе само по официјално барање од надлежен орган
По јавните реакции и барањата за одземање на пратеничкиот имунитет на пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, кој беше инволвиран во сообраќајна несреќа во која е повредена млада девојка, од Собранието соопштија дека таква постапка може да се покрене исклучиво по официјално барање од надлежен државен орган.
Како што информираат од законодавниот дом, согласно Уставот и Деловникот на Собранието, постапка за евентуално одземање на имунитет на пратеник се иницира само во случаи кога надлежен орган ќе побара поведување кривична постапка, определување мерка притвор или извршување затворска казна.
„Собранието не може да поведе постапка по сопствена иницијатива, ниту врз основа на барања од поединци, организации или медиуми“, наведуваат од Собранието.
Дополнително, претседателот на Собранието, Африм Гаши, го проследил доставеното барање до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, како и до самиот пратеник Сашко Јанчев, со цел почитување на принципите на транспарентност и целосно информирање.
Од Собранието нагласуваат дека доколку во иднина биде доставено официјално барање од надлежен орган, ќе постапат во согласност со уставните и деловничките надлежности.