Црна Гора до крајот на годината ќе затвори пет преговарачки поглавја со ЕУ
По директните разговори меѓу црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и францускиот претседател Емануел Макрон, на Црна Гора ѝ се отвори можност до крајот на годинава да затвори пет преговарачки поглавја во пристапните преговори со Европската Унија. Како што јавува Радио телевизија Црна Гора (РТЦГ), формализацијата на одлуката ќе се случи на Меѓувладина конференција, која ќе се одржи во вторник.
Покрај средбата со Макрон, Спајиќ остварил разговори и со германскиот канцелар Фридрих Мерц, со повеќе министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, тројца европски комесари и високи претставници на европската администрација. Според официјалните информации, токму овие контакти придонеле за надминување на дел од пречките во преговарачкиот процес.
На претстојната Меѓувладина конференција се очекува да бидат затворени поглавјата: 3 – Право на основање претпријатија и слобода на давање услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Право на трговските друштва, како и 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.
Франција го повлече ветото
Иако Франција претходно го блокираше затворањето на поглавјата 11 и 13 на седница на Работната група на Советот на ЕУ (COELA), по разговорите на највисоко политичко ниво, Париз го промени ставот и даде согласност за затворање на сите пет поглавја.
Министерот за земјоделство Владимир Јоковиќ изјави дека Црна Гора целосно ги исполнила барањата на Европската комисија во однос на овие поглавја, нагласувајќи дека сите неопходни обврски се реализирани.
Спајиќ на 16 декември ќе престојува во Брисел, каде по формалното затворање на поглавјата ќе одржи заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Поддршка за напредокот на Црна Гора дал и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека ЕУ треба да започне со подготовка на Договор за пристапување токму со Подгорица, оценувајќи ја како најнапредна земја-кандидат.
Цел: членство до 2028 година
Потпретседателот на црногорскиот парламент Борис Пејовиќ соопшти дека до крајот на годината ќе бидат затворени вкупно девет поглавја во мандатот на сегашната Влада, што значи дека Црна Гора ќе влезе во следната година со 12 затворени поглавја од вкупно отворените.
Тој нагласи дека процесот на проширување не остава простор за компромиси и дека се вреднуваат исклучиво конкретните резултати. Целта на државата е до 2026 година да затвори повеќе од 20 поглавја, со амбиција за полноправно членство во Европската Унија до крајот на 2028 година.
Црна Гора статус на кандидат за членство во ЕУ доби во декември 2010 година, а пристапните преговори ги започна во јуни 2012 година. Досега има отворено 33 преговарачки поглавја.