Рената Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија
Поранешната министерка за правда и универзитетска професорка Рената Дескоска е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија, на нејзината 145. сесија што се одржува на 12 и 13 декември во Венеција.
Информацијата ја соопшти самата Дескоска преку својот Фејсбук профил, посочувајќи дека изборот го доживува како признание за нејзината активност и досегашен придонес во работата на Комисијата.
За нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда на Италија. Покрај Дескоска, за потпретседатели се избрани и Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство.
Дескоска истакнува дека е првата потпретседателка на Венецијанската комисија која доаѓа од Македонија, но и првата која потекнува од земја што не е членка на Европската Унија или од државите произлезени од поранешна Југославија.
„Денешниот избор го сфаќам како признание за мојата активност и досегашниот придонес во работата на Венецијанската комисија. Досега учествував во изработката на 14 мислења за различни земји, кои ги презентирав на пленарните седници и кои едногласно беа усвоени. Како претставник на Комисијата учествував и во повеќе мисии и конференции“, наведува Дескоска.
Таа додава дека изборот претставува и дополнителна обврска за продолжување на ангажманот во промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото, изразувајќи благодарност до сите што ја поддржале.