Разбиена организирана криминална група: осум лица уапсени, запленети пари, возила и опрема за нелегални игри на среќа
На 11 и 12 декември 2025 година, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Секторот за криминалистички истраги, СКК и ОСПО/ЕБР, а под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК), спроведе опсежна полициска акција во која беше разбиена организирана криминална група.
Групата е осомничена за сторување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „лихварство“, „перење пари и други приноси од казниво дело“, како и „приредување игри на среќа без лиценца или дозвола“, спротивно на Законот за игрите на среќа и забавните игри.
Врз основа на претходно обезбедени наредби од Основниот кривичен суд, извршени се претреси на вкупно 11 локации на подрачјето на Скопје. Во акцијата лишени од слобода се осум лица од Скопје.
При претресите, полициските службеници пронајдоа и одзедоа околу 34.510 евра, 431.000 денари и 400 американски долари, повеќе мобилни телефони, три патнички моторни возила, компјутери и лаптопи, опрема за покер (маси, чипови и карти), различна документација, како и растителна и прашкаста материја.
По целосното документирање на случајот, против осомничените ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.