Започната истрага за падот на спортскиот авион во Мавровското Езеро
Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти започна постапка за утврдување на причините за падот на мал спортски авион во Мавровското Езеро.
Како што соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во авионот се наоѓале две лица, од кои едното е повредено.
„Настанот бил пријавен на единствениот број за итни случаи 112, по што ЦУК веднаш ја проследил информацијата до СВР Тетово, Итната медицинска помош и Регионалниот центар за управување со кризи во Тетово, со цел итна интервенција“, изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Надлежните институции засега не соопштуваат какви повреди има повреденото лице, ниту пак откриваат дополнителни детали за околностите под кои дошло до инцидентот.
Авионот од типот „Пајпер 28“ бил регистриран во Соединетите Американски Држави и е во сопственост на Дукаѓин Манџука. Тој, два дена пред несреќата, на својот Фејсбук профил објавил фотографија од летот со опис: „Со копилотот на убав ден над Тетово“.
Истрагата е во тек и се очекува надлежните институции дополнително да информираат за причините и околностите на падот на авионот.