Родителите на повреденото девојче бараат одземање на имунитетот на пратеникот Сашко Јанчев по несреќата во Илинден
Родителите на 13-годишното девојче, тешко повредено во сообраќајната несреќа што на 14 септември се случи во општина Илинден, испратиле писмо до претседателот на Собранието Африм Гаши, со кое бараат одземање на пратеничкиот имунитет на Сашко Јанчев од Левица. Во истата несреќа подоцна почина 16-годишниот малолетник кој го управувал мопедот.
Според истрагата, несреќата се случила по полноќ во село Марино, кога Јанчев, возејќи „Хјундаи тусон“, удрил во мопед „Јијинг“ управуван од тинејџерот. Од ударот тешко биле повредени возачот и неговата 13-годишна сопатничка, додека сопатникот на Јанчев добил полесни повреди.
Во писмото до Собранието, родителите изразуваат загриженост што обвинение се уште не е поднесено и предупредуваат дека постои ризик од влијание врз судската постапка. Тие сметаат дека пратеничкиот имунитет би можел да ја попречи примената на мерки за обезбедување присуство или други дејствија на надлежните органи.
Поради тоа, од Гаши бараат случајот да биде ставен на дневен ред и Собранието да решава за евентуално одземање на имунитетот на Јанчев.