Народот побара и реши – падна владата во Бугарија
Бугарската влада денеска падна, откако премиерот Росен Жељазков поднесе оставка поради масовните протести и тешката буџетска состојба во земјата. Оставката беше депонирана непосредно пред гласањето за интерпелацијата поднесена од опозицијата, иако самиот Жељазков претходно изјави дека не очекува иницијативата за недоверба да помине.
Премиерот нагласи дека одлуката е донесена „во согласност со гласот на народот“, по денови протести во Софија и други градови, каде десетици илјади граѓани бараа оставка, повисоки приходи и крај на „арогантното и отуѓено владеење“.
По неговата изјава за колективно повлекување на кабинетот, сепак беше спроведено и формално гласање согласно процедурите. За пад на владата гласаа 106 пратеници од коалициите ПП-ДБ, „Преродба“, „Величе“ и МЕЧ. Пратениците од ГЕРБ, БСП и „Има Таков Народ“ решија да не гласаат.
Оставката доаѓа во чувствителен период, непосредно пред планираниот влез на Бугарија во еврозоната на 1 јануари. Дел од опозицијата, како и претседателот Румен Радев, жестоко се спротивставуваат на воведувањето на еврото и бараа распишување референдум — иницијатива што беше одбиена. Радев синоќа изјави дека незадоволството е „масовно и оправдано“, критикувајќи ја владата за обидите да го минимизира протестниот бран.
Останува неизвесно дали земјата ќе оди на уште едни предвремени избори или ќе се обидe да состави ново парламентарно мнозинство.