Денеска се одбележува 8 Декември – државниот празник посветен на Свети Климент Охридски, еден од најзначајните просветители и духовници во македонската историја.

12

Главната церемонија ќе се одржи пред споменикот на Свети Климент во дворот на Националната и универзитетска библиотека што го носи неговото име, каде ќе бидат положени свежи цвеќиња и венци. На настанот ќе присуствуваат делегации од Кабинетот на претседателката, Собранието, Владата, Генералштабот на Армијата, МПЦ–ОА, како и претставници на дипломатскиот кор и политички партии.

Како дел од одбележувањето, во Собранието традиционално ќе биде врачена државната награда „Свети Климент Охридски“ за 2025 година – највисокото признание за значајни и долгогодишни остварувања во воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на животната средина, како и во социјалната дејност од јавен интерес.

Годинешни добитници се:

  • академик Витомир Митевски – во областа на воспитанието и образованието,

  • композиторот Живоин Глишиќ – во областа на културата и уметноста,

  • ликовниот уметник Беди Ибрахим – исто така во областа на културата и уметноста.

Својот патрон ден денеска го одбележува и Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, прославувајќи го Свети Климент Охридски – Чудотворец, еден од најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Неговата дејност била просветителска, духовна и пастирска; целиот свој живот го посветил на народот и на црквата. Тој го основал Охридскиот универзитет – првиот словенски и еден од најраните универзитети во Европа.

Најголемиот дел од моштите на свети Климент се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, делови од неговиот череп се наоѓаат во манастирот „Свети Јован Продром“ кај Верија во Грција, а во Софија се чува мал фрагмент со големина на нокт.

Makedonski