УЈП со засилени контроли во угостителството пред празниците: откриени бројни неправилности, изречени 2.500 глоби

18

Управата за јавни приходи најави засилени и проширени контроли на готовинскиот промет во пресрет на новогодишните празници, со фокус на рестораните, кафе-баровите, дискотеките, сендвичарите и сите субјекти што работат со готовински плаќања.

Од УЈП информираат дека претходно бил спроведен обемен советодавен процес со 3.500 посети, при што даночните службеници ги предупредиле обврзниците за најчестите неправилности. На терен биле констатирани проблеми како:
– фискални апарати без налепници од сервисер,
– оштетени пломби,
– уреди регистрирани на адреси кои не одговараат на реалната локација,
– неуплаќање дневен промет во банка,
– неводење книга на дневни финансиски извештаи.

Паралелно, УЈП спровела и детални канцелариски анализи врз основа на ГПРС системот, теренски контроли и ДДВ-пријави, при што биле детектирани ризици како идентичен или невообичаено низок промет, недоследности со капацитетот на објектите и несогласувања меѓу прометите пријавени во фискалните каси и во ДДВ-пријавите.

До крајот на ноември се спроведени околу 4.000 контроли, што е 2,5 пати повеќе од истиот период лани. Изречени се над 2.500 глоби, а 113 објекти добиле мерка – забрана за работа и запечатување.

Од УЈП велат дека секој четврти контролирани субјект не издава фискални сметки, што укажува на широко распространета пракса на неевидентирање готовински промет, која понатаму отвора сомнежи за исплата плати „во плик“ и други форми на сива економија.

Казнетите обврзници добиле персонализирани известувања да поднесат исправки на даночните пријави и да ги платат обврските, а доколку не постапат, ќе следуваат дополнителни контроли и примена на индиректни методи за утврдување прикриен промет.

УЈП апелира граѓаните да бараат фискална сметка, а стопанствениците да го почитуваат законот, бидејќи „евидентирањето на прометот не е избор“. Управата порачува: „УЈП е на терен, следи и постапува“, со цел намалување на даночната евазија и обезбедување фер пазар за сите.

Makedonski