Томовски: Обвинувањата се клевети, компанијата не е моја – ќе следи тужба доколку нема извинување
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, реагираше на соопштенијата од СДСМ, оценувајќи ги како „креирани клевети со политичка позадина“.
Во објава на социјалните мрежи, Томовски наведе дека партијата „се обидува по секоја цена да обвинува и жигосува“, додека, како што вели, вистинската цел е да се одврати вниманието од „случаи од минатото кои ја разнишаа довербата во институциите“.
Тој нагласи дека компанијата која СДСМ ја споменува во своето соопштение не е негова, ниту, како што истакна, има каков било удел во неа.
„Во моментов немам никаква приватна компанија. Насочен сум единствено кон работата како директор на СОЗР“, напиша Томовски, додавајќи дека целата своја кариера „работи чесно и одговорно“.
Томовски најави дека ќе поднесе тужба доколку партијата не се извини за изнесените тврдења.
„Слободно сите институции нека проверат сè“, додаде тој, истакнувајќи дека не очекува извинување од СДСМ.
Заклучи дека власта е „одговорност, а не место за политички пресметки“, и дека, според него, граѓаните веќе ја дале својата оценка на последните избори.