Успешни две трансплантации на коска кај деца на Клиниката за ортопедија
Министерството за здравство соопшти дека на Универзитетската клиника за ортопедија успешно биле изведени две трансплантации на коска од починат донор кај педијатриски пациенти — интервенции од големо значење за детската ортопедија.
Првата операција е извршена кај 14-годишно девојче со вродена аномалија на стапалата. Интервенцијата резултирала со целосна и стабилна корекција, по што пациентката се вратила на своите секојдневни активности.
Втората трансплантација е направена кај 13-годишно момче со повторен деформитет на стапалото. Од Министерството информираат дека момчето е испишано во добра состојба и го очекува период на рехабилитација.
Во соопштението се истакнува дека употребата на кадаверични коскени трансплантати е од големо значење — со нив се избегнуваат дополнителни оперативни зафати, болка, ризик од нови деформации и се скратува траењето на интервенциите.
Министерството за здравство упати благодарност до медицинските тимови за успешната работа, како и до семејствата на донорите за нивната хуманост и придонес.